Нѐ родиле и од прв момент нѐ растеле да бидеме спремни за живот по мерка. Нѐ учеле дека така треба да се живее. По која мерка? По чии правила? Во тие рамки во кои нѐ ставаат обично има место само за удоволување на нечии очекувања, наметнати норми и правила, сѐ со цел да се одржува во живот паразитскиот поредок создаден за многу мал процент луѓе да уживаат во изобилие – на сметка на трудот на останатите кои добиваат трошки за своите напори и работат цел живот за да им биде доделено право на мирно битисување во пензионерски денови. И повеќето се дел од таа приказна, ја плетеме секојдневно и се убедуваме дека така треба да биде. Дали? Разбудените души одамна крикнаа и нивната светлина полека се пробива низ оваа магла, гласно повикувајќи ги и другите души да крикнат во својата прекраснотија, да се ослободат од наметнатите калапи и да го почувствуваат повикот на овие судбински времиња коишто несомнено нѐ водат кон еден сосема друг свет, праисконски, заборавен, создаден за вистинската човекова природа.
Во вековните магли душите како да заборавиле кои се и зошто се во ова руво и во овој облик на живот, но еве ги на врата тропаат времињата коишто ќе потсетат секој еден од нас дека не сме ни приближно толку ништожни и безвредни колку што не тераат да се чувствуваме, дека сме бесконечни во својот духовен облик и дека со себе во овој свет сме го донеле семето на спознанието на совршеното создание и моќта на креацијата истоветна како онаа на создателот. Душите полека почнуваат да се сеќаваат дека вистинската природа не се само дрвјата и тревата и цвеќињата, ами дека нивната вистинска природа е нивниот сплет со планетите од нашето соѕвездие коишто неуморно и совршено ги поместуваат елементите на етерот, за животот да продолжи и да еволуира во својот возвишен облик, нишкајќи нѐ на тој пат како пупки спремни да расцветаат. И да сфатат дека душите одамна го избрале овој живот уште пред да се возоплодат во овој облик, дека времето не е линеарно туку флуидно, дека смртта е илузија, дека стравот е најниската фреквенција којашто ни ја краде поврзаноста со елементите на животот, дека сме вештерки и вештери дарени со сите моќи на совршеното создание да го живееме и облагодоруваме дадениот миг на земјата со нејзино оплодување со живототворна есенција.
Нашите битија полека се будат во својата полна свесност дека сме создадени од дух, душа и тело коишто совршено танцуваат во ритамот на планетите, по нотите на фреквенциите и вибрациите исткаени од нив, водејќи нѐ кон примарниот животен импулс. Само ако сме начулени да ја слушнеме музиката на планетите, ќе можеме да ја осознаеме својата возвишена цел и единство со сето земно создание, со магијата на животните циклуси на мајката земја, со сите животни облици што ги крепи заедно со нашите битија, со ритамот на планетите и етерот. Тоа е вистината на животот, тоа е осознавање и битисување во суштината на она што ни е дарено во овој телесен облик, тоа е нашата одгатната вистина, и затоа нѐ нарекуваат вештери и вештерки, а ние гордо ја живееме и споделуваме таа магија со оние кои се спремни да се разбудат во својата совршена суштина…..
Танцот и музиката на планетите и мајката земја се нашиот единствен вистински повик кон животното исполнување и осознавање на магијата на нашата душевна природа. Со љубов, за будење и процветување на уште многу души кои се спремни да ни се придружат во танцот на вештерките…..